Sunday, April 8, 2012

Оди или остани


Овој ден е ист како и останатите, можеби послабо грее сонцево од вчера, но мојата душа е истата. Те сакам исто колку и вчера, нема да лажам дека те сакам повеќе, не сме деца зарем  не. Но не само што те сакам, исто така и ми требаш, сакам да бидеш пак покрај мене, да ми се смешкаш. Зарем тоа што немам солзи на лицето е доволна причина да си ги чуваш рацете во џеб и да не ме прегрнеш? Зарем моите тивки зборови ти велат се е во ред и нема потреба од насмевка? Зошто секогаш бараш причина да сториш нешто убаво? Која е причината поради која ме љубиш?
 Мојата љубов не е поврзана со причини, не е поврзана со денови, празници, мојата љубов е поврзана со тебе и ништо останато. Бакни ме бидејќи сум тука, сега, прегрни ме бидејќи тоа е се што ми треба, подари цвет бидејќи денот е убав, фати ме за рака бидејќи е вторник, не барај момент за да кажеш дека ме сакаш. Покажи дека си покрај мене и кога сум среќна, се грижиш за мене и кога сум добро. На сите ни треба потпора и во убавите денови. 
Моето срце чука забрзано секогаш кога ќе те види, не само кога е празник, моите усни те посакауваат не само во петок. Биди со мене во секој миг, не само кога сум тажна, јас не барам сожалување на моите солзи јас барам љубов. Љуби ме како што јас те љубим, ако не подобро остави ме.