Sunday, April 1, 2012

Мрачната улица

Таа стоеше под стреата и пушеше цигара. Димот што се ширеше окулу неа ја правеше нејзината убавина мистична. Образите ѝ беа врели, усните црвени, очите празни. Телото ѝ се тресеше како лист на ветер, таа и се чувствуваше како лист  и сакаше така да заврши, да изгние без никој да се сети дека некогаш постоела. Додека девојките окулу неа се шетаа натаму, наваму и се обидуваа да уловат некоја мува во нивната пајажина, таа беше потпрена на ѕидот со поглед вперен во земјата. Таа не сакаше да биде овде, да го прави тоа што го прави, да биде тоа што е, но мораше. Луѓето ја покажуваа со прст, ѝ се потсмеваа, но нејзе не ѝ беше гајле. Таа само им посакуваше никогаш да не го доживаат она што таа го доживеа. Денес не сакаше да работи, сакаше барем еден ден да си го одмори телото и да не мисли дека ноќта пак треба да помине низ тоа. Затоа и се двоеше од сите, се задскриваше зад сите други девојки кои се бореа за поголем плен. Оваа ноќ не сакаше никој да ја собере.
                Автомобилот се паркира баш пред нејзините нозе и нејзиното срце затрепери од страв. Кој знае каква будала се крие зад воланот, денес имаше секакви лудаци. Тоа беше еден млад дечко, со зелени очи и црна коса, убаво облечен, скоцкан, беше убав и згоден. Се зачуди што бара такво момче на вакво место, доволно е да се појави некаде и веднаш би му се фрлиле во скут неколку девојки. Тој ја погледна и го виде во неа она што никој не го гледаше, она различното и затоа ја товари баш неа во автомобилот. Не беше премногу зборлив, а и што имаше да се зборува, овде немаше потреба од симнување ѕвезди, ова беше бизнис. Не знаеше ни што да каже, никогаш порано не користеше вакви услуги и немаше искуство во вакви работи. Молчеше и таа, можеби беше убав и згоден, но таа се грозеше од него. Се грозеше од секој кој ќе ја вовлечеше во неговииот автомобил, цревата ѝ се превртуваа, душата ѝ плачеше.
                Влегоа во станот, таа одеше полека, беше целата испалешена. Никогаш порано немаше сретнато некој како него, толку чуден. Сретнала секакви, со секакви желби, ја камшикувале, камшикувала, изигрувала ученичка, професорка, што ли уште не проживеала, ама ваков чуден тип не видела, тоа ја плашеше, таквите беа најстрашни. Се плашеше да му рече нешто, кој знае има во главата, каква луда идеја.
                Тој прво отиде кај шанкот и ја почасти пијалок, се обидуваше да ја заведе, сакаше да ја заведе. Тој беше маж, зарем не, не беше научен да плаќа за ова, сакаше да освојува, да покорува и немаше да дозволи таа да биде исклучок. Иако знаеше дека што и да стори нема да избега бидејќи платил за тоа што следува, сепак ѝ зборуваше убави работи.  Гледајќи ја во очи како да ги виде нејзините болка и  страв, мислеше ако ја бакне ќе ја смири, но со допирот на нејзините усни како да зеде од онаа горчина со која таа живееше цел живот. Се тргна од неа, можеби беше преубава, но исто толку е и отровна. Не можеше да го стори тоа, не можеше да спие со некој кој се гади од него, со некој кој чувствува морници кога ќе го допре.
                Седна на масата и гледаше надвор, не знаеше што да стори. Повеќе не се трудеше да ја освои, никогаш нема да успее во тоа. Но не сакаше ни да ја врати назад, да ја предаде во други раце од кои исто така ќе се гнаси.
                -Ти не го сакаш ова нели? Зошто го правиш? Не е заради парите, не е... Зошто? Не можам да сфатам, не си како другите девојки таму, различна си..
                -И ти си различен зарем не. Јас можеби имам причина за ова, но што е со тебе? Ти не си го правел ова порано, што те натера да дојдеш таму?
                -Одмазда. –одговори кратко, но кажа сè. –Зошто не се тргнеш од улиците? Зошто не живееш нормален живот.
                -Живот? Што е тоа? Јас не знам ништо за тоа. Јас не живеам, јас преживувам. За тоа прашај ме, за тоа знам. Дишам, но мртва сум. Јас не сум како тебе, ти кога ќе погледнеш пред себе гледаш иднина, а јас црнина со уште поцрни прашалници. Ти си човек кој живее, кој може да каже како е да си жив, како е да се смееш, да бидеш среќен, да почувствуваш болка, да љубиш, додека јас не сум ништо повеќе од една кукавица кој се плаши да го претисне чкрпалото. Мене прашај ме за болката, за солзите, за маката, за ѓубрето со тоа сум полна, во мене нема ни точка светлина.
                Ја прегрна, не знаеше зошто, не знаеше како, но почувствува потреба да ја има во прегратка. Таа сè уште го чувствуваше истото гадење од него. Не можеше да ја утеши, беше свесен за тоа, но си вети дека ќе ѝ помогне. Зошто? Зарем мораше да има причина.